ИПАРД: Претфинансирање за подобро искористување на европските пари
Новина во ИПАРД-2 програмата е тоа што се зголемува процентот на кофинансирање - сега младите земјоделци треба да обезбедат 65 отсто од парите, а стопанствата 70...
Преку фонд за претфинансирање, земјоделците ќе треба подобро да ги искористат европските пари. Новата ИПАРД програма за периодот 2014- 2020 тежи 106 милиони евра. 60 милиони се наменети за кофинансирање на инвестициски проекти во земјоделството, прехранбената индустрија и развојот на руралната економија, а останатите 56 милиони за изградба на системи за наводнување.
„60 милиони евра се наменети за кофинансирање инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и развој на руралната економија, каде првенствено ќе бидат наменети за набавка на земјоделска механизација, системи за наводнување, изградба на нови сточарски фарми, оранжерии, инвестиции во објекти за складирање земјоделски производи...“, нагласи министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Новина во ИПАРД-2 програмата е тоа што се зголемува процентот на кофинансирање - сега младите земјоделци треба да обезбедат 65 отсто од парите, а стопанствата 70.
„Овие 106 милиони евра ќе се вложат секаде низ нашиот аграр каде што има потреба. Посебно за поздравување е тоа што локалната самоуправа дел од овие средства ќе може да ги употреби за изградба на пристапни патишта низ нашите полиња“, изјави Вељо Тантаров, член на Агросоветот.
Досега ИПАРД средствата се искористени 11 проценти. Според Министерството за земјоделство причина е слабата финансиска моќ на производителите, но и строгите критериуми што ги поставува европската комисија.
Дијана Ценевска
