Воен конфликт

САД подготвуваат мировен пакет за крај на војната во Украина

07.09.2026 08:11

Виткоф порача дека без дијалог со Москва шансите за мир се мали, но дека за договор ќе бидат потребни компромиси од двете страни. Во разговорите се вклучија и европските партнери – Велика Британија, Франција и Германија.

Американските пратеници Виткоф и Кушнер ја завршија посетата на Киев по разговорите со Зеленски за ставање крај на војната. Во Киев донесоа нови идеи од средбата со Путин во Москва, со намера да го оживеат трилатералниот дијалог меѓу Украина, САД и Русија. Виткоф порача дека без дијалог со Москва шансите за мир се мали, но дека за договор ќе бидат потребни компромиси од двете страни. Во разговорите се вклучија и европските партнери – Велика Британија, Франција и Германија.

„Мојата работа и работата на Џаред е да ги зближиме страните, да ги стесниме разликите и да создадеме добри комуникациски канали. Постигнавме голем напредок во Москва, слушнавме нови идеи и ги донесовме во Киев. Ќе бидат потребни компромиси од двете страни, но веруваме дека имаме услови за напредок“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на САД за мир.

Зеленски порача дека преговорите можат да продолжат, но најтешките, особено територијалните прашања, можат да ги решат само лидерите на Украина и Русија.

„Преговорите со Русија можат да продолжат, но најтешките прашања, вклучително и територијалното, можат да се решат само на ниво на лидерите. Прашањето за Донбас не е само прашање на Донбас, туку е во срцето на оваа војна. Без силна украинска позиција на бојното поле, би имало само ултиматуми. Со таа силна позиција, дипломатијата е можна денес“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.