Македонската независност ќе се одбележи во Загреб со концерт и изложба на архивски документи
По повод 8 Септември – Денот на независноста, Државниот архив на Македонија денеска во Загреб организира свечен културен настан со концерт на хорот „Про Арс“ и отворање на изложбата „Архивските документи: столб на македонскиот идентитет“, посветена на историското и културното наследство на македонскиот народ.

Државниот архив на Македонија, во соработка со Хрватскиот државен архив, Амбасадата на Македонија во Хрватска и Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, вечерва ќе организира свечен настан по повод Денот на независноста.
Настанот ќе се одржи во Хрватскиот државен архив во Загреб со почеток во 19 часот. Во програмата е предвиден концерт на професионалниот хор „Про Арс“, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски.
Во рамки на одбележувањето ќе биде отворена и изложбата „Архивските документи: столб на македонскиот идентитет“, на која ќе бидат претставени значајни архивски материјали што сведочат за историскиот континуитет, културното наследство и стремежот за државност на македонскиот народ.
Организаторите посочуваат дека изложбата ќе ѝ овозможи на хрватската и меѓународната јавност да се запознаат со автентични документи поврзани со клучни настани и процеси од македонската историја.
Со настанот, како што наведуваат организаторите, се потврдува значењето на архивите во зачувувањето на историската меморија и се продлабочуваат долгогодишните културни врски и соработка меѓу Македонија и Хрватска.
