Славески: Независноста на Народната банка е клучна за довербата и финансиската стабилност
Славески учествуваше на високата конференција „Централното банкарство во услови на високи ризици: стабилност, инфраструктура и доверба“, организирана од Централната банка на Црна Гора по повод 25-годишнината од нејзиното основање.

Независноста на Народната банка е клучна за зачувување на високото ниво на доверба и кредибилитет на институцијата, особено во услови на зголемена неизвесност и високи ризици, порача гувернерот Трајко Славески на конференција во Црна Гора.
Славески учествуваше на високата конференција „Централното банкарство во услови на високи ризици: стабилност, инфраструктура и доверба“, организирана од Централната банка на Црна Гора по повод 25-годишнината од нејзиното основање.
Гувернерот истакна дека последните кризи и геополитичките тензии ја потврдиле важноста на кредибилните политики, транспарентноста и јасната комуникација со јавноста. Според него, тие се од суштинско значење за стабилизирање на финансиските пазари, закотвување на инфлациските очекувања и ефикасно спроведување на монетарната политика.
На панел-дискусијата за кредибилитетот, просторот за водење политики и усогласувањето со ЕУ, Славески се осврна и на европската интеграција и економската конвергенција на земјите од Западен Балкан.
Тој порача дека централните банки треба дополнително да ги зајакнуваат монетарната и финансиската стабилност, институционалниот кредибилитет и отпорноста, како и да продолжат со усогласување со европските стандарди.
Славески нагласи и дека земјите кандидатки за членство во ЕУ треба да продолжат со структурните реформи, кои се важни за зголемување на продуктивноста и подобрување на животниот стандард.
Повика и процесот на пристапување кон ЕУ да се темели на заслугите, со јасни критериуми и нивна доследна примена.
„Со затворањето на половина од реформскиот јаз во однос на најнапредните економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа би можело да се зголеми нивото на БДП на среден рок за околу 14 проценти“, рече Славески, повикувајќи се на процените на ММФ.
Според него, во услови на глобална неизвесност, зачувувањето на независноста, кредибилитетот и довербата во централните банки е од суштинско значење за економската стабилност и одржливиот развој.
