Николоски: Градежништвото со историски раст од 22 отсто, станува основен двигател на економијата
Градежништвото во второто тромесечје годинава забележало историски највисок раст од 22 отсто, со вкупно реализирани градежни работи во вредност од околу 242 милиони евра за само три месеци, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Градежништвото станува основен двигател на економијата, оценува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, посочувајќи дека во второто тромесечје е забележан раст од 22 отсто во однос на истиот период лани.
Според Николоски, станува збор за континуиран раст кој започнал уште минатата година, откако во 2024 година биле поставени темелите и проектите.
Во второто тромесечје биле завршени градежни работи во вредност од околу 242 милиони евра, што, според Николоски, претставува историски највисоко тримесечје.
Тој најави дека Владата и во наредниот период ќе продолжи со реализација на капитални проекти, со цел дополнително зголемување на активноста во градежниот сектор и придонес кон растот на бруто-домашниот производ.
