Поскапуваат горивата- бензините за 3, дизелот за 6 денари
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,89 отсто. Од полноќ, бензините ќе поскапат за 3 денари за литар, дизелот за 6, а екстра лесното масло за 8 денари.

Од ноќеска на полноќ се зголемуваат максималните малопродажни цени на нафтените деривати, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Согласно одлуката, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 97 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 99 денари за литар. Дизелот ќе достигне 101 денар за литар, а екстра лесното масло за домаќинство 105 денари за литар.
Цената на бензините се зголемува за 3 денари за литар, дизелот поскапува за 6 денари, а екстра лесното масло за 8 денари за литар. Мазутот М-1 НС поскапува за 1,591 денар за килограм и ќе се продава по максимална цена од 46,001 денар за килограм.
Од РКЕ информираат дека одлуката е донесена поради зголемување на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Кај бензините зголемувањето изнесува 4,829 отсто, кај дизелот 8,922 отсто, кај екстра лесното масло 11,644 отсто, а кај мазутот 4,163 отсто.
Во одлуката продолжува и примената на намалениот износ на акцизата од 2 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, односно 4 денари за литар кај дизелот.
