Западнонилската треска стивнува, четири дена нема нов пациент на Инфективна
По осум смртни случаи и 58 регистрирани заболени, состојбата со западнонилската треска покажува знаци на смирување. Четири дена на Инфективната клиника нема примен пациент со симптоми на вирусот, но осум лица сè уште се лекуваат, од кои двајца се во критична состојба.

По осум жртви, западнонилската треска стивнува. На Инфективна, четири дена немаат примено пациент со симптоми на вирусот, информираат од Клиниката за инфективни болести. На лекување има осуммина, двајца во критична состојба.
Осмата жртва на западнонилска треска, 70-годишник од Драчево, подолго време бил во тешка состојба со дополнителни хронични заболувања.
Сите заболени се над 60-годишна возраст. Меѓу нив и една жена која е со полесна клиничка слика. Седум пациенти се од Скопје, а еден е од Свети Николе. Сите заболени се заразиле во Македонија и не патувале во странство.
Годинава се регистрирани повеќе случаи на заболени со вирусот Западен Нил 58 и повеќе со смртен исход осум, во споредба со лани. Сите починати се мажи на возраст од 62 до 83 години. Прогласена е епидемија во општините Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Илинден од каде има најмногу заболени.
Ирина Гелевска
