Одбележување 35 години од независноста на Македонија

Мерки за безбедност на концертот на Дејвид Гета во рамки на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија

07.09.2026 17:20

Утревечер, Скопје ќе биде домаќин на едно од најголемите музички случувања во регионот. Светската музичка ѕвезда Дејвид Гета ќе настапи на арената „Тодор Проески“, во рамки на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Од МВР велат дека веќе се преземени сите безбедносни мерки и апелираат до посетителите да ги почитуваат насоките од полицајците како и од редарите коишто ќе бидат присутни.

Скопје утре ќе биде епицентарот на музичкиот спектакл во регионот. Арената „Тодор Проески“ ќе блесне во ритамот на Дејвид Гета, пред кого ќе застанат илјадници посетители. Се прават последните подготовки а вратите ќе се отворат од 17 часот.

На концертот на Дејвид Гета се очекува да има голем број посетители како од земјава така и од регионот, а од МВР велат дека веќе се преземени сите безбедносни мерки и апелираат до посетителите да ги почитуваат насоките од полицајците како и од редарите коишто ќе бидат присутни.

МВР апелираат да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети. Да не се носат и предмети кои се забранети за внесување на вакви настани.

Овој концерт е финале на серијата настани кои се одржуваа изминативе денови во 11 градови низ земјава, велат организаторите. Во однос на замената на картите за Дејвид Гета со алки, велат дека тоа е неопходно бидејќи ако картите се чекираат ќе трае предолго.

Со концертот на Дејвид Гета во Скопје се заокружува едномесечното одбележување на 35 години независност на Македонија.

Ана Јосифоска