Груби негира вина за „Државна лотарија“, обвинителството утврдило штета од 596 милиони денари
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби се изјасни дека не е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување. За невини се изјаснија и останатите обвинети, додека обвинителството бара на поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, да му се суди во отсуство.

Поранешниот прв вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците се изјасни дека не се чувствува виновен по обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување за случајот „Државна лотарија“. Според обвинението Груби и останатите седум лица ги пречекориле службените овластувања преземени во 2023-та и 2024-та година и ѝ предизвикале штета на „Државна лотарија“ од над 596 милиони денари, а не како што претходно беше утврдено над 507 милиони денари.
Не се чувствуваат виновни и останатите обвинети шест лица, а едно од нив побара доказите да се преведат на неговиот мајчин јазик на албански, бидејќи како што се изјасни не го разбира обвинението за кое се товари
Поради личната безбедност на Груби затворскиот му бил заменет со куќен притвор велат обвинителите, а за таквата одлука пресудна била класифицираната информација што ја добиле од АНБ.
Обвинителството за поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами предложи да му се суди во отсуство, бидејќи и понатаму не е достапен за органите на прогонот. За останатите остануваат да важат мерките на претпазливост, а за Груби куќниот притвор.
Александра Велинова
