Сточарство

Потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците и козите

07.09.2026 18:15

Речиси 200 овци и кози угинале од сипаници, а преку 7 илјади и 300 животни се превентивно усмртени поради болеста што ги пустоши стадата. Од Министерството за земјоделство ја следат состојбата и велат дека сите ќе бидат обесштетени. Во меѓу време, министерот Борче Серафимовски рече дека добро оди и откупот на грозје.

Сточарите строго да ги почитуваат мерките, ако сакаат да ги зачуваат стадата, алармираат од Министерството за земјоделство, откако чумата сотре над 10.000 овци.

Во Македонија се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците и козите. Надлежните секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста. Според последните податоци, 50 жаришта се во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион.

Министерот апелира до сточарите навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи и да избегнуваат користење заедничка опрема без претходна дезинфекција.

Еден од главните ризици за пренесување на заразата е стрижењето на овците со ножици кои претходно не биле дезинфицирани.

Што се однесува до цената на винското грозје, откупот оди добро, вели министерот. Килограм вранец изнесува 21,8 денари, додека смедеревката оди 20 денари. Најави дека ќе побара Владата да ги олесни условите за користење на парите од компензационите фондови.

Во делот на субвенциите, во изминатиот период се исплатени околу 15,4 милиони евра, на 30.389 корисници, а министерот најави олеснувања кај субвенциите.

 

Борис Грујоски