Македонија одбележува 35 години од историскиот 8 Септември
Македонија денеска одбележува 35 години од историскиот 8 Септември - денот кога граѓаните на референдум се изјаснија за суверена и самостојна држава. Три и пол децении подоцна, Денот на независноста се одбележува со повеќе свечености и концерти низ земјава, под мотото „Силно светнал ден“.

Македонија денеска одбележува 35 години од историскиот 8 Септември – денот кога граѓаните на референдум ја избраа независноста и самостојноста на државата.
На 8 септември 1991 година, повеќе од 95 проценти од граѓаните што излегоа на гласање се изјаснија „за“ суверена и самостојна Македонија.
Истата вечер, илјадници граѓани се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде тогашниот претседател Киро Глигоров ја упати историската порака: „Дозволете вечерва да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“
Три и пол децении подоцна, 8 Септември останува една од најзначајните пресвртници во современата историја на државата и симбол на волјата на граѓаните за независност и самостојност.
Годинашниот јубилеј се одбележува со повеќе свечености и концерти низ државата, под мотото „Силно светнал ден“.
Централната прослава ќе се одржи пред Владата, каде е предвидено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.
Одбележувањето ќе продолжи и вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде ќе се одржи голем концерт со настап на светски познатиот диџеј Дејвид Гета.
Триесет и пет години по референдумот, 8 Септември останува симбол на волјата за независна држава, но и потсетник на одговорноста за нејзината иднина.
