Нова ескалација меѓу Москва и Берлин, Русија го затвора германскиот конзулат во Санкт Петербург
Се заоструваат односите меѓу Русија и Германија. Москва го затвора германскиот конзулат во Санкт Петербург како одговор на мерките на Берлин против руските дипломатски и културни објекти. Германскиот канцелар Мерц порача дека нема отстапување во одбраната од руските закани, додека Брисел предупредува дека Европа мора да биде подготвена за нови хибридни напади и саботажи.

Нова ескалација меѓу Русија и Германија. Москва го затвора германскиот конзулат во Санкт Петербург, како одговор на потегот на Берлин против руските дипломатски и културни објекти. Мерките следуваат по меѓусебните обвинувања за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале. Германскиот канцелар ја обвини Москва за обид да го дестабилизира Западот.
„Нема да отстапам ниту милиметар од моето убедување дека мора да ја браниме нашата слобода од Русија“, изјави германскиот канцелар, Фридрих Мерц.
Брисел во меѓувреме предупредува на нови руски хибридни напади и саботажи во Европа.
„Мора да бидеме подготвени за нови провокации на европско тло. Веројатно ќе видиме повеќе напади како оној во Лајпциг и мора да бидеме подготвени да одговориме“, рече шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
