Возобновени дуќани за стари занаети во Скопската чаршија
Дуќаните се доделени од Владата на Република Македонија преку Министерството за култура, а за нивната реконструкција Градот Скопје инвестираше околу четири милиони денари и ги предаде на користење на Македонската артисанска трговска асоцијација - МАТА...

Во старата Скопска чаршија реновирани четири дуќани за стари традиционални занаети. Градските власти продолжуваат со намерата за заживување на овој дел од Скопје.
Дуќаните се доделени од Владата на Република Македонија преку Министерството за култура, а за нивната реконструкција Градот Скопје инвестираше околу четири милиони денари и ги предаде на користење на Македонската артисанска трговска асоцијација - МАТА.
Меѓу нив има работилница за филиграни, за ткаење, везење и плетење и сувенирница во која ќе се продава сето она што се произведува не само во овие дуќани, туку и низ дуќаните во државата.
Во дуќаните ќе се организираат и обуки и работилници за сите заинтересирани граѓани кои сакаат аматерски или професионално да се занимаваат со овие занаети, а ќе бидат организирани и разновидни наменски настани, како на пример базари за оние што ќе сакаат да купат интересни оригинални рачно изработени предмети.
„На овој начин сакаме заедно со Министерството за култура повторно да ги заживееме старите занаети кои се во фаза на изумирање или веќе се изумрени. Се надеваме дека ќе допринесеме овие занаети повторно да ги има во нашата чаршија која ја посетуваат се поголем број туристи“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
