Нов бран руски напади

08.09.2026 09:17

Нов бран руски напади врз Киев само ден по дипломатските средби на американските претставници со Путин и Зеленски...

Само ден по дипломатските средби на американските претставници во Москва и Киев, кои викендов отпатуваа на средби со Путин и Зеленски во обид да го продолжат мировниот процес, повторно одекнаа сирените во украинската престолнина. Тридневниот прекин на нападите врз Киев заврши, Русите извршија нови напади со балистички ракети и дронови. Има жртви и десетици ранети, оштетени се станбени згради и училишта.

„Ова е деловен објект. По три часот наутро добив повик од обезбедувањето, кое беше дежурно. Ми кажа дека се слушнала силна експлозија и дека објектот бил погоден. Не можел да излезе бидејќи сè било во пламен и чад. Целото тело ми се тресе, рацете ми се тресат, не можам ни да плачам. Толку многу вложив во ова место, а штетата е огромна“, изјави Игор Чигир – сопственик на погодениот деловен објект.

„Сè одекнуваше. Беше страшно. Две ноќи спиев мирно поради посетата на американските пратеници, конечно малку се одморивме. Нека доаѓаат почесто, за да не нè гаѓаат“, изјави Ирина Барисенкова-жителка на Киев.

Аларми за воздушен напад се огласија и во други региони на Украина, додека украинските сили возвратија со удари врз руската рафинерија за нафта во Саратов.

„Нашите сили соборија 175 воздушни цели, но балистичките ракети остануваат особено тешки за пресретнување. Затоа од партнерите, од САД и Европа, секојдневно бараме дополнителни системи за противвоздушна одбрана. Тоа директно значи спасување човечки животи“, изјави објава на Володимир Зеленски – претседател на Украина.

На дипломатски план, откако Вашингтон порача дека и Русија и Украина мора да направат компромиси за да се стави крај на војната, Кремљ не ја исклучи можноста за продолжување на преговорите, но смета дека е прерано за конкретни детали.

„Не ја исклучуваме можноста за продолжување на овој тристран формат, но рано е да се разговара за местото и точниот термин“, изјави Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.

Зеленски смета дека Путин можеби сака да му обезбеди дипломатска победа на Трамп пред среднорочните избори во САД, но предупреди дека Москва не покажува подготвеност за сериозни отстапки. Истовремено, односите меѓу Москва и Берлин дополнително се заоструваат. Русија го затвора германскиот конзулат во Санкт Петербург, како одговор на потегот на Берлин кон руските дипломатски и културни објекти, по меѓусебните обвинувања за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале.

„Нема да отстапам ниту милиметар од моето убедување дека мора да ја браниме нашата слобода од Русија, а ако престанеме да ја поддржуваме Украина, работите ќе станат уште полоши“, изјави Фридрих Мерц-канцелар на Германија.

Брисел предупредува дека Европа треба да биде подготвена за нови руски хибридни напади и саботажи.

„Со приближувањето на изборите за Думата, мора да бидеме подготвени за нови провокации на европско тло. Веројатно ќе видиме повеќе напади како оној во Лајпциг и мора да бидеме подготвени да одговориме“, изјави Каја Калас-шефица за надворешна политика на ЕУ.

Поради зголемените тензии со Москва, европските земји ги засилуваат безбедносните мерки. Финска ја заврши изградбата на 200-километарската ограда на источната граница со Русија, оценувајќи ја како важен дел од националната и европската безбедност.

„Ова не е само симболична структура, туку практичен и неопходен дел од системот за безбедност на финската граница и конкретна инвестиција во безбедноста на Финска и Европа“, изјави Мари Рантанен-министерка за внатрешни работи на Финска.

Економски мерки против Русија најави и Латвија, која планира царина од 300 проценти на руското и белоруското жито.

„Народот на Латвија и латвиската држава не треба да ја поддржуваат воената економија на Русија, чии приходи во голема мера се користат за уништување на цивилното население и Украина како држава“, изјави Даце Мелбарде-секретар на Министерството за надворешни работи на Латвија.

Одлуката следува откако Москва го зголеми транспортот преку латвиските пристаништа поради нарушените извозни рути преку Црното и Азовското Море.

Бојана Крстевски