Бурни 35 години независна Македонија
Од референдумот на 8 Септември 1991 година, преку формирањето на институциите, сопствената валута и меѓународното признавање, до членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија. 35 години независност – три и пол децении исполнети со историски пресврти, предизвици, успеси и разочарувања, но и со надеж за европска иднина.

8 Септември 1991 година – македонските граѓани во огромно мнозинство гласаа на референдумот и заокружија „за“ на прашањето „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во идниот сојуз на суверените држави на Југославија?“ На централниот плоштад, пред илјадниците присутни, првиот македонски претседател ја објави радосната вест – Македонија стана единствената ексјугословенска република која без војна стана независна држава.
На 17 ноември 1991 година, во Собранието беше усвоен првиот Устав, со кој се поставија темелите на современиот уставен и политички систем на независната држава.
Следната година беше усвоен Законот за одбрана, со кој се отвори патот за формирање на македонската армија, браникот на државата. По тешките, но успешни преговори, ЈНА без еден испален куршум се повлече од македонска територија. На 26 април 1992 година, Македонија ја доби и својата сопствена валута – македонскиот денар.
Во август 1992 година Македонија го доби државното знаме, кое веќе следната година, поради противењето на Грција, мораше да биде променето. Тешката борба за меѓународна афирмација продолжи со зачленувањето во Обединетите нации на 8 април 1993 година, под привремено име „Поранешна југословенска Република Македонија“ – како 181. земја-членка. Следуваа грчкото ембарго и Привремената спогодба, со која почнаа преговорите со Грција за името. Но, Македонија не застана – стана членка на Советот на Европа, ОБСЕ и Партнерството за мир на НАТО.
Веќе се чувствуваше товарот од војните во поранешните југословенски републики, кои носеа бран бегалци – оружјето почна да зборува и кај нас, со конфликтот од 2001 година, кој заврши со Охридскиот рамковен договор. Македонија тргна по патот на мирот, во 2005 година го доби и кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Следуваше грчкото вето за членството во НАТО во 2008 година, цел која беше исполнета во 2020 година, по склучувањето на Преспанскиот договор и промената на името во Северна Македонија во 2019 година. Во 2022 година, во Брисел се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ за почнување на пристапниот процес, но земјава сè уште е заглавена пред портите на Брисел.
35 години независност, 35 години борба, подеми и падови, радости и тага, но и надежи за подобро утре.
Ирина Гелевска
