Совет за безбедност: Зајакнување на активностите за националната безбедност
Членовите на Советот за безбедност размениле информации и мислења во врска со актуелните случувања во Сирија и Ирак и рефлектирањето на тие состојби во нашиот регион и во Република Македонија...

Советот за безбедност на Република Македонија на денешната конститутивна седница ги утврди активностите поврзани со прашањата за безбедноста и одбраната на државата за наредниот период, со цел да се дадат соодветни предлози до Собранието и Владата, како и мислења по определени акти од областа на безбедноста и одбраната кои ги донесува Претседателот на Република Македонија, согласно Уставот и законите, соопштуваат од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
„Советот за безбедност констатира дека субјектите на системот за национална безбедност успешно ги исполнуваат должностите од делокругот на своите надлежности, дека функционираат на највисоко можно ниво и дека постои координација и соработка меѓу субјектите во насока на натамошно јакнење на националните безбедносни капацитети“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Субјектите на системот за национална безбедност да ги зајакнат активностите во насока на обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, со цел подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана и ризик, било заклучено на седницата на Советот за безбедност.
Членовите на Советот за безбедност размениле информации и мислења во врска со актуелните случувања во Сирија и Ирак и рефлектирањето на тие состојби во нашиот регион и во Република Македонија.
Посебен акцент, како што соопштува Кабинетот на претседателот, бил ставен на состојбата со присуство и регрутирање на граѓани од нашиот регион и од Република Македонија во тие кризни региони.
