Битолскиот театар со „Едмонд“ гостува на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица

09.09.2026 08:17

Народниот театар - Битола на 11 септември ќе гостува на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица со претставата „Едмонд“, работена според делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски. Во главната улога настапува Огнен Дранговски, а претставата ја отвора вечната дилема за слободата, желбите и границите на човековата потрага по среќа.

Театарската сезона Народниот театар - Битола ја започна со богат репертоар, а следуваат и гостувања на реномирани фестивали. Првото од нив е на 11 септември, кога претставата „Едмонд“ ќе биде изведена во рамките на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој се одржува во Струмица од 8 до 13 септември 2026 година.
 
Шест фестивалски вечери, извонредни камерни претстави, врвни актерски остварувања и незаборавни театарски мигови ќе одбележат уште една фестивалска приказна посветена на актерот и неговата уметност.
 
Претставата „Едмонд“ е работена според делото на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски.
 
„Едмонд“ го следи вртоглавото, спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје. Барајќи возбуда и среќа, од баналноста на својата канцеларија и монотониот семеен живот, тој завршува како убиец, а подоцна и како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор.
 
Богато со параболи, референци на „Хамлет“ и Библијата, прошарано со невообичаено брутален јазик и агресивни сцени, делото го отвора едно од суштинските прашања – прашањето за слободата.
 
Што е, всушност, слободата? Дали потрагата по слобода нè прави, незабележително, робови на сопствената потрага? Дали откажувањето или ограничувањето на сопствените желби го олеснува патот кон слободата?
 
Не случајно, мотото на „Едмонд“ е: „Внимавај што посакуваш“.
 
Иронично, Едмонд изјавува дека конечно е слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор – со крајно ограничена слобода на движење. Во времето во кое живееме, кога многу лесно можеме да имаме сè, кога речиси сè ни е достапно и кога нашето „силување“ на слободата нè направи едни од најнесреќните луѓе во историјата на човештвото, „Едмонд“ на Дејвид Мемет е повеќе од потребен како можност за рефлексија – да се запрашаме кои сме, каде одиме и какви сакаме да бидеме.
 
Ликот на Едмонд го толкува Огнен Дранговски, а покрај него во претставата настапуваат и Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски.
 
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.