Охрид домаќин на регионална конференција за фискалната отпорност
Охрид од денеска до петок е домаќин на Регионалната конференција „Охрид 2026“, на која учествуваат високи претставници на владите, даночните администрации, финансиските институции, приватниот сектор и регионалните организации.

Охрид од денеска до петок е домаќин на Регионалната конференција „Охрид 2026“, на која учествуваат високи претставници на владите, даночните администрации, финансиските институции, приватниот сектор и регионалните организации. Во фокусот се фискалната отпорност, буџетските приоритети, даночните приходи и мерките за сузбивање на неформалната економија во земјите од Западен Балкан. Организатор на конференцијата е Балканскиот економски форум (БЕФ), под покровителство на Министерството за финансии и со поддршка од компанијата JTI.
Главната програма ќе ја отвори министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која ќе говори за предизвиците во одржувањето на буџетската стабилност, зголемувањето на јавните приходи и справувањето со економските притисоци со кои се соочува регионот.
Првиот панел ќе се фокусира на последиците од економските движења во еврозоната врз јавните финансии и приватниот сектор во Западен Балкан. На дискусијата ќе земат учество актуелни и поранешни министри, високи претставници на институциите и членови на бизнис-заедницата, кои ќе ги претстават своите искуства и ставови за зајакнување на фискалната отпорност во регионот.
Даночните приходи, даночниот јаз и борбата против неформалната економија ќе бидат тема на вториот панел. Претставници на даночните институции од повеќе земји ќе разменуваат искуства и ќе дискутираат за подобрување на наплатата на приходите, поголема усогласеност со даночните правила и приближување на практиките до европските стандарди.
