Формирана Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите
Секој граѓанин, правно лице, новинар може да поднесе жалба против медиум за нарушување на професионалните и етичките стандарди. Против поединечни новинари -жалби не можат да се поднесат...

Стартува со работа Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. Жалбената комисија ќе решава за неправилности во новинарски текстови и прилози, стари најмногу еден месец.
Секој граѓанин, правно лице, новинар може да поднесе жалба против медиум за нарушување на професионалните и етичките стандарди. Против поединечни новинари -жалби не можат да се поднесат.
„Да ги заштитиме граѓаните и јавноста од непрофесионалните новинари и медиуми. Да им помогнеме на сопствениците на медиумите да го изгегнат ризикот да плаќаат големи казни поради нивниот непрофесионален уреднички новинарски кадар и да си помогнеме себеси, на новинарската заедница со јавна осуда оние кои не водат грижа за етиката во новинарството“, вели првиот човек на Комисијата, Мирче Адамчевски.
„Се дава можност на секој оној којшто се чувствува засегнат од одреден текст или натпис во некој медиум, прво да дојде кај нас за да токму со одлуката на Комисијата биде вратена неговата нарушена доверба во јавноста или нарушена чест“, вели Катерина Синадиновска, претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите.
Намалување на бројот на тужбите до судот ќе биде една од придобивските со формирањето на оваа Комисија. Анонимни жалби нема да се разгледуваат. Најмногу жалби се очекуваат за навреда и клевета, а помалку за говор на омраза и нарушување на авторските права.
Сања Спиридонова
