Руско - украински конфликт

Крајот на војната во Украина ниту на повидок

09.09.2026 11:37

Русија и Украина ги продолжија нападите по тридневниот прекин на огнот кој беше воведен за време на средбите со американски претставници. Државниот секретар Рубио вели дека има уште многу работа за ставање крај на војната. Европа со став, неодамнешните руски напади уште еднаш докажуваат дека Москва не е сериозна во врска со мировните преговори.

И натаму има многу значајна работа за да се стави крај на војната во Украина, истакна Американскиот државен секретар Марко Рубио. И покрај обновените дипломатски контакти на американските претставници со Москва и Киев, крај на војната и натаму не е на повидок. Во следните неколку недели предвидено е да се развие план за рестартирање на разговорите и потенцијално да се постигне договор прифатлив за двете страни.

„Постои можност во следните неколку недели да се развие мапа на патот за продолжување на разговорите и можеби да се постигне заклучок дека тоа е прифатливо за двете страни. Викендот беше продуктивен во смисла дека повторно се почна ангажманот по месеци на неангажирање во ова и од наша страна, бидејќи едноставно не видовме дека напредува и имаше суштински идеи ставени на маса за кои, барем за прв пат, се чинеше дека има одредена општа отвореност. Но, останува уште многу работа“, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио.

Американските претставници Виткоф и Кушнер ги посетија Москва и Киев викендов во обид да ги оживеат застојаните мировни преговори. Русија и Украина привремено ги прекинаа нападите врз нивните главни градови за време на посетата, но Русија ги продолжи нападите откако претставниците си заминаа. Киев пак, во текот на ноќта со беспилотни летала погоди нафтен терминал во рускиот град Новоросијск.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Калас, вели дека неодамнешните руски напади уште еднаш докажуваат дека Москва не е сериозна во врска со мировните преговори. Врвната дипломатка ја осуди „војната во сенка“ на Русија против европските земји.

„Досега, нема знаци, освен зборовите, но нема знаци дека американските трупи го напуштаат, барем, овој регион тука. Мислам дека ова е многу важно бидејќи присуството на Американци тука е исто така одвраќање за Русија“, рече Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Вчера Кремљ потврди дека Путин и Трамп телефонскиот разговарале точно еден час за активностите што САД би можеле да ги преземат за побрзо ставање крај на војната во Украина. Путин му нагласи на Трамп дека Русија „нема апсолутно никакви агресивни планови кон Европа“.

Маријана Димовска