Пасивното пушење во 2023 година поврзано со околу 1,7 милиони смртни случаи

09.09.2026 11:47

Ново истражување објавено во списанието „Лансет“ покажува дека во 2023 година повеќе од 2,7 милијарди луѓе ширум светот биле изложени на пасивно пушење, од кои 767 милиони биле деца. Според истражувањето, изложеноста на тутунски чад била поврзана со околу 1,7 милиони смртни случаи.

Во студијата се наведува дека употребата на тутун и натаму е една од водечките причини за заболувања на глобално ниво, а значителен дел од вкупно осумте милиони луѓе кои во 2023 година починале од болести поврзани со пушењето биле пасивни пушачи.
 
Истражувачите посочуваат дека изложеноста на тутунски чад е глобално признат здравствен ризик и дека не постои безбедно ниво на изложеност на чадот.
 
Во истражувањето биле анализирани научни трудови објавени во базата на податоци „ПабМед“ на американските Национални институти за здравје, како и анкети на населението. Врз основа на податоците била пресметана распространетоста на пасивното пушење и товарот од болестите поврзани со него во 204 земји и територии во периодот од 1990 до 2023 година.
 
Според истражувањето, од приближно 2,7 милијарди луѓе изложени на пасивно пушење во 2023 година, 767 милиони биле деца на возраст од 0 до 14 години.
 
Утврдено е дека пасивното пушење било поврзано со 1,66 милиони предвремени смртни случаи, како и со предвремена попреченост и заболувања, особено со исхемична срцева болест. Кај децата, изложеноста на тутунски чад во 2023 година предизвикала околу 5,2 милиони случаи на респираторни инфекции.
 
Луѓето кои се наоѓаат во близина на лице кое пуши се изложени и на чадот што директно се ослободува од запалениот тутунски производ и на чадот што го издишува пушачот.
 
Во студијата се нагласува дека голем дел од тутунскиот чад што го вдишуваат пасивните пушачи не поминува низ филтер. Поради тоа, тој може да содржи повисоки концентрации на токсични и канцерогени соединенија во споредба со чадот што го вдишува активниот пушач.
 
И покрај значителното намалување на стапката на пушење на глобално ниво од 1990 година наваму, бројот на луѓе изложени на тутунски чад останал релативно непроменет. Како причини се наведуваат растот на светското население и зголемената изложеност во Африка и на Блискиот Исток.
 
Особено се погодени жените во регионите каде што стапката на пушење меѓу женската популација е ниска. Во истражувањето се посочува дека, и покрај големиот здравствен товар, пасивното пушење сè уште не е доволно препознаено како еден од главните ризик-фактори за здравјето на жените.
 
Авторите на истражувањето ги повикуваат владите да воведат посилни мерки за контрола на тутунот во јавните простори и во домовите, со цел подобра заштита на жените и децата од пасивното пушење.