Како доматното пире може да влијае врз функциите на мозокот?
09.09.2026 12:00
Ново истражување спроведено во Шпанија покажало разлики во мозочните снимки и менталните способности кај луѓе кои редовно консумирале доматно пире во период од три месеци.

Во клиничкото истражување, спроведено од тим предводен од нутриционистот Рикардо Лопез-Солис од Универзитетот во Барселона, биле испитувани ефектите на ликопенот - моќен антиоксиданс што се наоѓа во доматите - врз функциите на мозокот и поврзаноста на мозочните мрежи.
Во истражувањето, објавено во списанието „Антиоксиданси“, учествувале 42 возрасни лица на средна возраст.
Кај учесниците кои во текот на три месеци секојдневно консумирале по 35 грама доматно пире, менталните тестови покажале подобрување на селективното внимание и благо подобрување на асоцијативната меморија.
Мозочните снимки направени кај помала група од 14 учесници покажале дека зголемувањето на нивото на ликопен било поврзано со забележливи промени во поврзаноста на големите мозочни мрежи.
Истражувањето било спроведено според вкрстен модел, при што учесниците во период од три месеци следеле режим на исхрана со секојдневно консумирање доматно пире, а во друг период режим на исхрана сиромашен со ликопен. Меѓу двата периода била направена едномесечна пауза.
Анализите на крвта по промените во исхраната покажале дека во периодот кога учесниците консумирале доматно пире, концентрацијата на ликопен во крвта значително се зголемила. Забележана била и тенденција на зголемување на протеинот БДНФ, кој има важна улога во развојот и функционирањето на мозокот.
Мозочните снимки покажале дека по консумирањето доматно пире дошло до промени во поврзаноста на мозочните мрежи во состојба на мирување, особено во предно-темените и слушните мозочни мрежи.
Истражувачите наведуваат дека овие невронски промени би можеле да укажуваат дека консумирањето домати ги намалува непотребните интеракции во рамките на мозочните мрежи и на тој начин може да ја подобри ефикасноста и приспособливоста на нервниот систем.
Експертите посочуваат дека доматното пире има потенцијал да го намали невровоспалението, односно воспалителните процеси во нервниот систем. Тие нагласуваат дека термичката обработка ги разградува клеточните ѕидови на доматите, со што се олеснува апсорпцијата на ликопенот во организмот.
Поради тоа, термички обработените домати и доматното пире обезбедуваат поголемо количество ликопен што организмот може да го искористи во споредба со свежите домати.
Научниците истакнуваат дека првичните резултати се ветувачки, но потребни се дополнителни истражувања со поголем број учесници за да се утврди дали промените во мозокот поврзани со консумирањето доматно пире се долгорочни и трајни.
