САД погодија пет ирански танкери, Иран возврати со ракетен напад врз Јордан
Нова ескалација на блискиот исток. Вашингтон и Техеран повторно разменуваат удари, а Ормускиот теснец останува клучна точка во конфликтот. Кризата се прелева и на други фронтови. Ријад одговори со масовни напади врз Хутите во Јемен по нивните удари врз саудиски нафтени постројки, додека нова ескалација има и меѓу Израел и Хезболах во јужен Либан. Новите закани, нападите врз танкери и растот на цената на нафтата го зголемуваат стравот дека кризата може да се прошири низ целиот регион.

Вашингтон и Техеран во нова отворена пресметка. По два обида на Иран да погоди американски воен брод со балистички ракети, американските сили возвратија со жесток удар – уништени пет ирански танкери за сурова нафта, четири во Оманскиот Залив и еден во близина на Харг. САД до јасна порака-секој нов обид за напад врз американските воени бродови ќе биде проследен со удар врз иранскиот нафтен транспорт.
„Иран продолжува да се обидува да ги погоди американските воени бродови. И за секој пат кога ќе го направат тоа или ќе се обидат да го направат тоа, ќе изгубат танкери. И мислам дека тоа повторно ќе го видите и денес“, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Како одговор, Техеран возврати со ракетен напад врз американски цели во Јордан. Јорданските власти соопштија дека пресретнале 18 од вкупно 20 балистички ракети. Иран, во меѓувреме, упати нова закана – танкерите во близина на пристаништата во Бахреин и Кувајт би можеле да станат следна цел.
„Ги предупредуваме сите екипажи на танкери за нафта во близина на пристаништата во Кувајт и Бахреин – кои се домаќини на овие американски терористи и се партнери во нивните непријателски дејствија – веднаш да ги напуштат своите бродови, бидејќи бродовите ќе бидат цел“, објава на Исламската револуционерна гарда на Иран.
Иран соопшти дека заробил и еден од беспилотните подводни бродови на американската војска на влезот во Ормускиот теснец. Конфликтот се прелева и на други фронтови. Саудиска Арабија одговори со масовни напади врз Хутите во Јемен по нивните удари врз саудиски нафтени постројки, додека нова ескалација има и меѓу Израел и Хезболах во јужен Либан.
„Многу сме загрижени поради наглата ескалација што ја гледаме на југот на земјата, особено во Набатие. Меѓу загинатите и повредените има цивили, вклучително и деца“, изјави Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.
Во меѓувреме, продолжуваат нападите врз комерцијалните бродови во Заливот, дополнително нарушувајќи го поморскиот сообраќај и вршејќи притисок врз енергетските пазари, додека цената на нафтата расте. Ормускиот теснец останува клучна точка во конфликтот кој влегува во седмиот месец, со сè поголем ризик кризата да се прошири низ регионот.
Бојана Крстевски
