Жолтите наслаги на лицето може да укажуваат на ризик од срцев и мозочен удар
Ново истражување објавено во списанието „Атеросклероза“ покажува дека бледите, жолтеникави и благо издигнати наслаги што се појавуваат околу очите, познати како ксантелазма, може да бидат ран показател за зголемен ризик од срцев удар, мозочен удар и транзиторен исхемичен напад - краткотрајна состојба слична на мозочен удар.

Овие наслаги се создаваат кога имунолошките клетки наречени макрофаги се исполнуваат со холестерол и други масти.
Ксантелазмата често се поврзува со високо ниво на холестерол во крвта. Иако сама по себе обично се смета за безопасна, процесот на нејзино создавање има биолошки сличности со атеросклерозата, односно таложењето масни наслаги во крвните садови и нивното стврднување.
Во истражувањето спроведено од научници од Универзитетот „Стенфорд“ биле анализирани здравствените податоци на 17.925 лица со дијагностицирана ксантелазма. Нивните податоци биле споредени со соодветна контролна група лица кои биле на очен преглед, но немале ксантелазма.
Кај лицата со ксантелазма, стапката на срцев удар изнесувала 1 процент, додека кај контролната група била 0,35 проценти.
Во текот на првата година, ризикот од мозочен удар кај групата со ксантелазма изнесувал 0,95 проценти, наспроти 0,30 проценти кај контролната група. Ризикот од транзиторен исхемичен напад бил 0,60 проценти кај лицата со ксантелазма, а 0,19 проценти кај контролната група.
При следењето на пациентите во период од пет и десет години, разликата меѓу двете групи се намалувала. Сепак, лицата со ксантелазма и понатаму имале значително поголема веројатност да доживеат срцев удар, мозочен удар или транзиторен исхемичен напад.
Уште еден значаен наод од истражувањето е дека зголемен ризик од срцеви и мозочни васкуларни настани бил забележан и кај пациентите со ксантелазма кои имале нормално ниво на холестерол и масти во крвта.
Ова укажува дека жолтеникавите наслаги околу очите можеби не се само знак за висок холестерол, туку би можеле да бидат показател и за други системски фактори на ризик кои сè уште не се целосно разјаснети.
Истражувачите посочуваат дека луѓето кои поради ксантелазма се обраќаат кај дерматолог или офталмолог најчесто ја доживуваат состојбата како естетски проблем. Сепак, дел од нив би можеле да имаат недијагностициран кардиоваскуларен ризик.
Навременото препознавање на овие карактеристични промени околу очите може да овозможи порано преземање превентивни мерки, како промени во животниот стил, контрола на крвниот притисок и, кога е потребно, терапија за намалување на холестеролот.
