ОпенАИ соопшти дека модел со вештачка интелигенција решил 90-годишен математички проблем за 88 часа
ОпенАИ соопшти дека со помош на нов модел со вештачка интелигенција и илјадници агенти со вештачка интелигенција успеал за само 88 часа да реши сложен математички проблем стар 90 години.

Компанијата што го разви ЧетГПТ наведе дека насочила околу 10 илјади автономни агенти со вештачка интелигенција кон една задача и дека сложениот математички проблем бил решен за 88 часа.
Резултатот се однесува на проблем поврзан со равенките на Навие-Стокс, кои го опишуваат движењето на флуидите и кој околу 90 години останува без доказ. Компанијата го оцени постигнувањето како значајна пресвртница во развојот на вештачката интелигенција.
Добиеното решение сè уште не е потврдено од независни извори, ниту е официјално признаено од Математичкиот институт „Клеј“, кој ги доделува Милениумските награди.
Компанијата соопшти дека новиот модел, чија обука започнала кон крајот на август, покажал исклучителни резултати во математиката. Моделот сè уште не е претставен во јавноста и засега се користи за внатрешни истражувања на компанијата.
ОпенАИ на 1 септември, по појавата на информации дека два од Милениумските проблеми биле решени, ангажирал илјадници агенти со вештачка интелигенција да работат на преостанатите проблеми.
До 5 септември, по околу 88 часа работа, било пронајдено решение за проблемот на постоење и мазност кај равенките на Навие-Стокс. Се наведува дека агентите што работеле на проблемот, кој е тесно поврзан со основите на турбуленцијата, во текот на процесот размениле околу три милиони пораки и искористиле 130 милијарди излезни токени.
Според проценките, операција од ваков обем, пресметана според актуелните цени на компанијата, би чинела околу 10 милиони долари.
Решението до кое дошле агентите докажало две од четирите тврдења што се бараат во рамките на Милениумскиот проблем. ОпенАИ соопшти дека целта е да се покаже нивото до кое достигнала вештачката интелигенција и дека нема намера да ја побара наградата од еден милион долари.
По соопштението се отвори дебата во математичката заедница. Професорот по математика на Универзитетот во Њујорк, Тристан Бакмастер, и Левент Алпоге, вработен во конкурентската компанија Антропик, изјавија дека работеле на истиот проблем и дека во текот на истражувањето ја користеле алатката Кодекс на ОпенАИ.
Бакмастер тврди дека на 3 септември дознал оти информации за нивната работа протекле до ОпенАИ. Тој тврди дека компанијата се насочила кон овој проблем откако дознала за напредокот што тие го постигнале, а како поткрепа на своите тврдења ја објавил и електронската преписка.
ОпенАИ, од друга страна, им честиташе на Бакмастер и Алпоге за нивната работа и соопшти дека компанијата не била запознаена со нивното истражување сè додека тоа не било објавено во јавноста.
Компанијата наведе дека не дошло до нарушување на приватноста на корисничките податоци. Иако постои можност анонимизирани податоци да придонесуваат за подобрување на моделите, ОпенАИ тврди дека приложените докази и добиените резултати се целосно различни.
