Мицкоски: Сметката за прославата е нула
Светски ѕвезди, големи концерти и прослави низ државата – а сметката за Буџетот, тврди премиерот, е нула. Мицкоски вели дека сите настани ги финансирале општествено одговорни компании и ги повика критичарите да проверат на отворени финансии. Не попушта ниту во преписката со СДСМ – повторно зборуваше за талогот и порача: жалам што се препознаваат во тој збор …

Не е потрошен ниту еден денар од средствата на граѓаните или, пак, од државниот Буџет за манифестациите што се организираат во рамките на одбележувањето на 35-годишниот јубилеј од самостојноста и независноста да државата – посочи премиерот Христијан Мицкоски. Според него трошоците биле покриени од страна на општествено одговорни компании.
Лошата вест е дека сите овие настапи го чинат Буџетот нула денари. И граѓаните и буџетот, сите овие настани ги чинат нула денари. Слободно можете да проверите на „Отворени финансии“ и ќе видите. Сè е организирано од општествени одговорни компании. Жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат дека и некој друг прави онака како што би правеле тие. Но, оваа Влада е домаќинска, народна и промакедонска, која се грижи за граѓаните и буџетските средства до денар да се трошат на транспарентен начин. Лошата вест за нив е дека се потрошени нула денари за организација на сите овие настани, а сепак имаме незаборавно лето.
Од СДСМ обвинуваат, – премиерот ја доведува јавноста во заблуда со тврдењето дека за концертот на Дејвид Гета и останатите настани години независност од државниот Буџет биле потрошени „нула денари“. Прашуваат дали средствата што ги издвојувала Државната лотарија, која е во државна сопственост, не треба да се сметаат за јавни средства.
Наместо единство, повикување на заедништво и прослава на државноста, повторно се активираше кампањата „Талог“ на премиерот Мицкоски, велат од СДСМ.
„Жалам што СДСМ се препознава во талогот, но јас многу прецизно реков дека талогот не смее да ја победи елитата. Ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро“ одговори Мицкоски.
Тој посочи и дека од СДСМ континуирано слуша навреди, обвинувања и, како што оцени, невистини, но дека никогаш не се жалел поради тоа.
Марина Стојанова Тонева
