„Боите на слободата“ – изложба за 35 години независност во Музејот на Македонија
Изложбата ќе биде поставена во историскиот дел на музејот, а ќе ја отворат директорот Александар Ристевски и дел од кураторскиот тим.

Во Музејот на Македонија денеска напладне ќе биде отворена изложбата „Боите на слободата“, посветена на 35-годишнината од независноста на државата. Поставката преку историски предмети, документи и уметнички дела го прикажува развојот на македонската државност и културен идентитет.
Изложбата ќе биде поставена во историскиот дел на музејот, а ќе ја отворат директорот Александар Ристевски и дел од кураторскиот тим.
Пред публиката ќе бидат претставени експонати од музејската колекција, како и дела на истакнати македонски уметници, меѓу кои Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Родољуб Анастасов и Бранко Коневски.
Кураторскиот концепт воспоставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, следејќи го континуитетот на стремежите за слобода и државност – од Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и АСНОМ, до референдумот од 8 септември 1991 година.
„Боите на слободата“ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 година, како историски точки што ја обликувале македонската државност и национален идентитет.
Во подготовката на изложбата учествуваа кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни соработници од Музејот.
Поставката ќе може да се посети во наредните два месеца, во период кога Музејот на Македонија одбележува и 50 години од изградбата на својот објект.
