Масар Омерагиќ на средба со претставниците на клубовите од Првата лига: Заеднички пристап за унапредување на клупскиот фудбал
Претседателот на ФФМ ги информираше претставниците на прволигашките клубови дека, за првпат по неколку децении, клубовите од највисокиот ранг ќе имаат свои претставници - делегати во Собранието на ФФМ.

Во Куќата на фудбалот, претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, одржа работна средба со претставниците на раководствата на клубовите од Првата македонска фудбалска лига.
На средбата присуствуваше и комесарот за натпревари, а клубовите имаа можност директно да ги отворат сите прашања, предлози и теми што ги сметаат за важни за развојот на домашниот фудбал.
Претседателот на ФФМ ги информираше претставниците на прволигашките клубови дека, за првпат по неколку децении, клубовите од највисокиот ранг ќе имаат свои претставници - делегати во Собранието на ФФМ.
На овој начин, клубовите ќе можат директно да учествуваат во работата на највисокиот орган на Федерацијата и да придонесуваат со свои предлози, идеи, критики и иницијативи.
Досега, преку општинските фудбалски сојузи, клубовите од Првата лига немаа директно влијание врз работата на Собранието на ФФМ.
Одлуката беше поздравена од клубовите, кои ја оценија како важен чекор кон нивно поголемо вклучување и унапредување на клупскиот фудбал.
„Јас не се кријам зад Федерацијата, а ниту клубовите треба да се кријат зад соопштенија. Сè што сметаат дека треба да се подобри, сите предлози и идеи, можат директно да ги предложат и достават преку органите на Федерацијата. Само преку отворена комуникација можеме да дојдеме до решенија“, истакна Масар Омерагиќ на средбата.
