ФФМ подготвена да им помогне на клубовите за подобрување на инфраструктурата

10.09.2026 08:42

Фудбалската федерација на Македонија најави поддршка за прволигашките клубови во подобрувањето на инфраструктурните услови преку заеднички проекти со општините и сопствениците на клубовите.

За време на средбата на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, со раководствата на клубовите од Првата лига, посебно внимание беше посветено и на инфраструктурата и условите за одигрување на натпреварите.

ФФМ ја истакна подготвеноста, заедно со општините и сопствениците на клубовите, да учествува во подобрувањето на инфраструктурните услови, но преку заеднички проекти и инвестиции.

На клубовите им беше дадена можност самите да ги утврдат приоритетите - дали тоа ќе биде изградба или подобрување на терените, поставување рефлекторско осветлување или реализација на друг инфраструктурен проект.

Од ФФМ беше истакнато дека Федерацијата не е во можност самостојно да ги финансира сите инфраструктурни потреби на клубовите, особено имајќи ја предвид состојбата со средствата наменети за инфраструктура, кои во последните два месеца од претходното раководство биле искористени за два проекта во вкупна вредност од околу пет милиони евра.

Приоритет на актуелното раководство на ФФМ остануваат Првата лига и младинскиот фудбал. Истовремено, беше нагласено дека клубовите, како акционерски друштва, имаат и сопствена одговорност за создавање соодветни услови на стадионите.

„Потребен е коректен и партнерски однос меѓу Федерацијата и клубовите. Ние како ФФМ ќе направиме сè што е во наша можност и што сметаме дека е потребно за да го подигнеме нивото на натпреварувањето“, беше истакнато на средбата.

Претставниците на клубовите изразија задоволство од одржаната средба и ја поздравија идејата ваквите состаноци да станат редовна практика. Освен неколку оперативни забелешки поврзани со пречекот и влезот на екипите на стадионите, кои произлегуваат од ограничените можности на дел од објектите, клубовите немаа други забелешки во однос на организацијата на натпреварувањето.

Напротив, клубовите од Првата лига изразија задоволство од нивото на транспарентност, како во однос на судењето, така и во однос на организацијата и целокупното одвивање на натпреварувањето.

Средбата претставува уште еден чекор кон отворен дијалог и воспоставување партнерски однос меѓу ФФМ и клубовите, со заедничка цел - создавање подобри услови и подигнување на квалитетот на македонскиот клупски фудбал.