Александар Таневски нов селектор на македонската репрезентација до 21 година
Управниот одбор на ФФМ го назначи Александар Таневски за нов селектор на македонската репрезентација до 21 година. Негова задача ќе биде да изгради конкурентен тим за следниот квалификациски циклус и да развива фудбалери за А-репрезентацијата.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на последната седница донесе одлука Александар Таневски да биде назначен за нов селектор на македонската репрезентација до 21 година.
Таневски на оваа функција доаѓа по работата со младинските репрезентации на ФФМ и селекцијата до 20 години, па добро ја познава генерацијата фудбалери која треба да биде основа на новата репрезентација до 21 година.
На последните два натпревара од актуелниот квалификациски циклус, новиот селектор ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери и постепено да го гради тимот за следниот квалификациски циклус.
Целта е создавање конкурентна репрезентација која ќе остварува подобри резултати, но истовремено ќе придонесува и за создавање и развој на фудбалери за А-репрезентацијата на Македонија.
Александар Таневски во својата тренерска кариера има вкупно 196 натпревари како главен тренер на екипи од Првата и Втората македонска фудбалска лига. Најголемиот дел од тренерската кариера го мина во Македонија ЃП, која ја предводеше на 66 натпревари. Во кариерата ги предводеше и екипите на АП Брера, ФК Беса Добри Дол и, последно, ФК Скопје, со кој успеа да обезбеди пласман во елитата на македонскиот фудбал.
Таневски на селекторската функција во репрезентацијата до 21 година ќе го наследи Горан Станиќ, кому ФФМ му се заблагодари за досегашниот придонес и ангажман во репрезентацијата, посакувајќи му успех во следните професионални предизвици.
