Реакција на планот за отстранување на алгоритмот од Инстаграм: Корисниците ќе бидат преплавени со содржини од брендови
Извршниот директор на „Инстаграм“, Адам Мосери, изјави дека во систем без алгоритми корисниците би имале полошо искуство, би биле изложени на повеќе содржини од брендови и би поминувале помалку време на апликацијата.

Изјавата следува откако австралиската Влада најави план според кој на корисниците би им се овозможило да ги исклучат алгоритмите.
Премиерот Ентони Албанезе претходно соопшти дека се подготвува регулатива со која платформите на социјалните мрежи ќе бидат обврзани да им овозможат на корисниците избор меѓу препорачани содржини и хронолошки приказ на објавите.
Во изјава за новинарите во Австралија, Мосери оцени дека само мал, но гласен дел од корисниците сака враќање на хронолошкиот приказ.
Тој посочи дека во систем без алгоритам во преден план би биле оние што објавуваат најмногу содржини. Според него, пријателите објавуваат поретко од создавачите на содржини, а тие, пак, поретко од брендовите.
Мосери предупреди дека корисниците би биле преплавени со содржини од брендови, што, според него, би довело до намалување на интеракцијата и задоволството на корисниците.
Тој призна дека алгоритмот често се доживува како „црна кутија“, но нагласи дека се работи на тоа корисниците да добијат поголема контрола врз темите што им се препорачуваат.
Мосери посочи дека во иднина, благодарение на моделите на вештачка интелигенција, корисниците би можеле преку разговор со апликацијата да дознаат зошто им се прикажуваат одредени содржини.
Тој исто така изјави дека не верува оти апликацијата создава зависност во медицинска смисла и оцени дека користењето на социјалните мрежи често погрешно се поистоветува со поимот зависност во секојдневниот говор.
Според Мосери, кај медицинската зависност се јавуваат симптоми на апстиненција, додека кај користењето на социјалните мрежи ситуацијата е поинаква.
