Изложба „Жени создадени во пламен“ на Димитар Филиповски во КИЦ
Во Културно информативниот центар во Скопје од 21 часот се отвара изложбата на скулптури на еминентниот македонски скулптор Димитар Филиповски. Насловена „Жени создадени во пламен“, изложбата нуди бронзени скулптури...

Во Културно информативниот центар во Скопје од 21 часот се отвара изложбата на скулптури на еминентниот македонски скулптор Димитар Филиповски. Насловена „Жени создадени во пламен“, изложбата нуди бронзени скулптури.
„Пристапот на Димитар во обликувањето на актовите е реформаторски, демонстрирајќи свесна самодоверба во познавањето на природата на бронзата, лесно забележувајќи ги неговите играња и поигрувања со можностите на бронзата, без да се изгуби и да заборави дека нејзината природа мора да биде блиска до природата и обликот на жената, лишен од непотребни декоративни детали, прикажувајќи ги метаморфозите на обликот, сугерирајќи одредени гестови. И кога ќе се замислиме нурнувајќи во хронологијата на уметноста и нејзината историја, обидувајќи се да го мапираме женскиот акт како уметничка желба низ епохите, ќе се најдеме на самиот прапочеток, пред првобитниот човек. И согледуваме дека Димитар како уметник колку и да е свесен учесник мајстор-творец од почетокот до крајот, планирајќи ја и контролирајќи ја секоја етапа на творештво, одредувајќи ги и контролирајќи ги вулканските услови што и се потребни на бронзата, во неговите актови не може, а да не се чуе ехото на самиот прапочеток, кога првобитните женски актови на првобитниот човек претставувале еден вид на парегорија, зајакнувачка помош на тој со уста неразговорлив човек да ја живее природата како еднаков со неа“, велат организаторите.
Филиповски е долгогодишен директор на скопското уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ и е автор на многу споменици и статуи.
