За колку часа се формирала Месечината?
Новите симулации што го истражуваат судирот меѓу Земјата и протопланета со големина на Марс во раниот период на Сончевиот Систем покажуваат дека, спротивно на досегашните претпоставки, Месечината можеби се формирала за само неколку часа, наместо во текот на милиони години.

Големиот судир, за кој се смета дека се случил пред околу 4,5 милијарди години, се смета за најприфатената научна теорија за потеклото на Месечината.
Новите компјутерски симулации со висока резолуција, развиени од истражувачи од Југозападниот истражувачки институт, за првпат толку детално покажуваат како внатрешните температури и геолошката цврстина на небесните тела што се судриле влијаеле врз целиот процес.
Добиените резултати ја поддржуваат можноста единствениот природен сателит на Земјата да се формирал за исклучително кратко време - за околу пет часа.
Во новото истражување, во симулациите биле вклучени внатрешните температури на небесните тела во моментот на судирот, како и цврстината на материјалите од кои биле составени.
Високата температура во внатрешноста на протопланетите, кои сè уште биле во фаза на формирање, директно влијаела врз начинот на кој тие се деформирале при судирот и ја апсорбирале силата на ударот.
Температурата на небесното тело со големина на Марс, наречено Теја, кое удрило во Земјата, била еден од клучните фактори што ги определиле брзината и густината на распрснувањето на материјалот во вселената по судирот.
Претходните модели предвидуваа дека по судирот околу Земјата се создал диск од остатоци, кои во текот на долг временски период постепено се спојувале и ја формирале Месечината.
Меѓутоа, според сценариото во кое Теја удрила во Земјата околу 60 милиони години по почетокот на формирањето на планетите, додека сè уште била жешка, небесното тело целосно се распаднало, а создадените остатоци за само пет часа се собрале во едно небесно тело - сателит.
Научниците наведуваат дека новите резултати нудат важни сознанија за разбирањето на сегашната физичка и хемиска структура на Месечината.
Новите податоци од симулациите треба да помогнат попрецизно да се утврди временскиот тек на формирањето на Месечината, но и подобро да се објаснат геолошките сличности и разлики меѓу Земјината мантија и Месечината.
