Подготовки за избори

10.09.2026 09:27

На републиканскиот национален собир во Далас, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика гласачите да го поддржат неговиот табор на претстојните избори.

За повеќе од 50 дена, Американците ќе излезат на гласање на едни од најважните избори во историјата на земјата, изјави шефот на Белата Куќа од конвенцијата на републиканците во Далас. „Гласот на народот треба да реши дали ќе ја препушти иднината на Америка на радикалната левица и на демократите и ќе ја потроши следната деценија само обидувајќи се повторно да застане на нозе“, истакна Трамп. Лидерот на САД вети по пет илјади долари за секој полнолетен Американец ако победат на изборите.

„Бидејќи постигнавме толку добри резултати и бидејќи нашата земја заработува толку многу пари, јас можам да ви го дадам ова ветување. Ако републиканците победат во Претставничкиот дом и во Сенатот на САД – во двата дома – благодарение на нашиот огромен економски успех каков што не е забележан во историјата, ќе исплатам дивиденда од 5.000 долари на секој полнолетен граѓанин на Соединетите Американски Држави“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп од присутните на републиканскиот национален собир побара „да се однесуваат како тој да е на гласачкото ливче“, со цел да бидат избрани републиканските кандидати. Тој изјави дека републиканците мора да ја прекинат низата порази на изборите во средината на мандатот преку победи во седумте „колебливи“ сојузни држави, Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина, Мичиген, Аризона, Висконсин, Невада.

„Ве молам да замислите дека и јас сум на гласачкото ливче. Јас сум на ливчето. Тука сум. Само уште еднаш. Бидејќи ако изгубиме, ќе ја изгубите контролата врз границата. Ќе ги изгубите даночните олеснувања, безбедноста и сигурноста, богатството. Ќе минувате низ пекол, исто како што минувавте пред само две години. Бевме предмет на потсмев низ целиот свет. Ни се смееја. Веќе не ни се смеат, нели? И, знаете, имаме многу кратко време, а навистина имаме 35 изборни трки“, нагласи Трамп.

Во однос на борбите со Иран, шефот на Белата куќа уверува дека војната ќе заврши и дека цените на нафтата ќе се намалат веднаш по изборите. Иран лансираше 20 балистички ракети кон Јордан, во напад насочен кон американски воени бази. Јорданските вооружени сили соопштија дека собориле 18 од ракетите. Трамп најави дека САД ќе извршат дополнителни напади врз Иран и рече дека Вашингтон во моментов не се обидува да постигне договор со Техеран, но не ја исклучи можноста за преговори. Иранската гарда вели дека војната со САД би можела да заврши доколку Вашингтон престане да му се заканува на Иран и одговори на условите што Исламската Република ги постави, вклучително и оние поврзани со нуклеарната програма.

Маријана Димовска