Дигитално реставрираниот „Солунските атентатори“ премиерно на отворањето на „Нем филм 2026“
Филмот „Солунските атентатори“ е најновото издание на Кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови што е една од заложбите на Кинотеката за зачувување на македонското филмско наследство.

Дигитално реставрираниот филм „Солунските атентатори“ во режија на Жика Митровиќ премиерно ќе биде прикажан на отворањето на фестивалот на филм, музика и уметност „Нем филм 2026“ што ќе се одржи од 10 до 15 септември во Кинотеката на РС Македонија.
Филмот „Солунските атентатори“ е најновото издание на Кинотеката во рамките на нејзината програма за дигитална реставрација на македонски филмови што е една од заложбите на Кинотеката за зачувување на македонското филмско наследство.
„Солунските атентатори“ се вбројува меѓу најуспешните историско-акциони филмови од југословенската кинематографија. На фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула во 1961 година филмот ја доби традиционалната награда на публиката „Јелен“, а сценографот Диме Шумка е одликуван со Специјална поединечна диплома за сценографија. Исто така, режисерот Жика Митровиќ добил и признание од жирито за успешно негување на акциониот жанр во домашниот филм, со што филмот ја потврдил својата значајна уметничка и продукциска вредност. За дигиталната реставрација на филмот „Солунските атентатори“ ќе зборува Владимир Павловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а специјален гостин ќе биде филмскиот критичар Дејан Дабиќ, уметнички директор на Мартовскиот фестивал.
Фестивалот, кој оваа година се одржува по шести пат, носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм, со која повторно се нагласува потребата од курирано присуство на филмското наследство во современиот културен простор. Оваа фестивалска програма е дел од богатата септемвриска филмска понуда на Кинотеката, која оваа година го слави својот голем јубилеј. На програмата се ретки проекции на антологиски дела од филмското наследство. Во таа насока, во рамки на фестивалот исто така ќе бидат прикажани и дигитално реставрираните анимирани македонски кратки филмови – Ембрио бр. м, Адам 5 до 12, Граница, Буквар за писмени, рака, Отпор, Homo dogmaticus и Срно знаме.
