Воен конфликт

Нов бран руски напади врз Украина, Киев возвраќа – дипломатијата без резултат

10.09.2026 14:16

Харков, Суми, Киев и Одеса повторно се под руски напад. Има загинати и повредени. Украина возвраќа врз руски цели, додека Трамп по разговорот со Путин зборува за можен договор за прекин на војната.

Војната во Украина не запира. Додека Вашингтон зборува за мир и договор, руските сили продолжуваат со жестоки напади – на удар повторно Киев, експлозии одекнуваат во Харков и други украински региони, а погоден е и трговски центар во Суми.

„Имавме три напади врз Харков. Првиот во близина на училиште. За жал, имаме повредени. Оштетени се седум повеќекатни станбени згради, како и градската мрежа за улично осветлување“, изјави Игор Терехов, градоначалник на Харков.

„Непријателски дрон ’Шахед‘, погоди еден од градските трговски центри во Суми. Има загинати и повредени“, рече Артјом Кобзар, в.д. градоначалник на Суми.

Руските дронови стигнаа и до границата со Молдавија. Погоден е меѓународниот граничен премин Старокозаче, во регионот на Одеса.

„Ова е практично петтиот граничен премин што во последниот период е нападнат од Русија. Четири од нив се на границата со Молдавија, а еден на границата со Романија. За жал, во нападот врз Старокозаче загинаа две лица, а три беа повредени“, изјави Андриј Демченко, портпарол на украинската гранична служба.

Киев возвраќа. Украина тврди дека во изминатите 24 часа погодила осум руски инфраструктурни објекти кои ја поддржуваат воената машинерија – меѓу нив рафинерија за нафта и морско пристаниште, како и цели во повеќе руски региони.

„Русија го продолжува својот секојдневен терор врз Украина. И секој ден добива праведен одговор. Им благодарам на секој борец и на сите што ги овозможуваат нашите капацитети за дејствување на долг дострел и нашата прецизност“, објави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Додека борбите се разгоруваат, дипломатските напори продолжуваат. По телефонскиот разговор со Путин, Трамп оцени дека Москва сака да постигне договор за прекин на војната.

„Имавме одличен разговор со Путин. Тој сака да постигне договор. А ако сака и Зеленски, тоа би било многу убаво. Проблемот е во двајца луѓе кои се мразат меѓусебно. Мислам дека, пред сè друго, станува збор за двајца луѓе кои се мразат. Јас разговарам со луѓе – тоа е сè што правам, разговарам со луѓе. Цел живот. Се разбирам од договори, а ова се двајца луѓе кои се уморни од војување“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме Зеленски пристигна во Калгари на разговори со канадскиот премиер Карни за воздушната одбрана за Украина, заштитата на воздушниот простор и подготовките за зимата. Додека дипломатите зборуваат за можен договор, на теренот оружјето сè уште зборува погласно, а прекинот на огнот засега останува само на дипломатската маса.

Бојана Крстевски