Охрид

Димитриеска-Кочоска: Фискалната консолидација е клучна за стабилноста

10.09.2026 18:15

Глобалната неизвесност, инфлацијата и забавувањето на европската економија носат нови ризици за Македонија. Како да се зачуваат стабилните јавни финансии и да има простор за реакција при нова криза – се разговараше денеска на конференцијата „Охрид 2026“.

Глобалната економска неизвесност и забавувањето на европската економија директно се одразуваат и врз земјите од Западен Балкан, Македонија мора да биде подготвена за нови шокови. Најважна е фискална консолидација, стабилизирање на буџетскиот дефицит. Државата мора навреме да создаде финансиски простор за да може да реагира доколку дојде нова економска криза.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на економскиот форум што се одржува во „Охрид 2026“.

„Би рекла дека можеби во оваа глобална неизвесност, приоритет треба да ни биде стабилизација на инфлацијата. Ние тоа го гледаме во РМ и треба да сме во насока на стабилизирање на таа инфлација. Од тука се и нашите мерки за акцизите, нафтата и нафтените деривати – се во услуга на тоа инфлацијата да не расте, да не влијаеме дополнително, што не беше случај во 2022 година. Заради задоцнувања имавме висока инфлација, а знаеме дека денес нивото на цени никогаш не се врати на тоа што го имавме тогаш. Би рекла, мора да ја оствариме фискалната консолидација и инфлацијата како два елементи“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Големиот фокус е, секако, на одржливоста на јавните финансии, односно како и на кој начин јавните финансии можат да придонесат во справувањето со сите овие глобални предизвици. Меѓутоа, и вие самите во прашањата ги поставувавме и темите за инфлацијата. Тоа значи дека ова не е само тема за фискалната политика, туку примарно е тема за монетарната политика. Затоа, таа поблиска соработка меѓу владата и централната банка во сите земји, особено во оние кои, да речеме, сè уште не се дел од Европската монетарна унија, е уште поважна“, изјави Здравко Мариќ, поранешен министер за финансии на Хрватска.

Инфлацијата во Македонија во последните неколку месеци е стабилна, но економистите предупредуваат дека глобалните тензии, енергетските шокови и воените конфликти можат повторно да ја разнишаат ценовната стабилност.

„Можно е, доколку не се намалат глобалните препукувања, воени, економски поделби кои се случуваат, повторно Македонија да биде во ситуација да носи политики, економски и фискални, за кои не смееме да имаме грешка.

Затоа што буџетот ни е 60% јавен долг, вкупните финансиски потреби ни се исклучително високи. Ако дојде до зголемување на каматните стапки, ние сме во ситуација повторно да се задолжиме за да се раздолжиме“?

Владата најавува постепена фискална консолидација, внимателно управување со долгот и подобра наплата на приходите, но без да се жртвуваат капиталните инвестиции.

Соња Рилковска