МВР

12 возачи лишени од слобода за безобѕирно управување возило

10.09.2026 16:17

Единаесет возеле без положен возачки испит, а еден бил под дејство на алкохол.

Во текот на изминатото деноноќие, полицијата лишила од слобода 12 возачи на различни локации во државата поради кривично дело „безобѕирно управување возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Од нив, 11 управувале возило без положен возачки испит. Дополнително, еден од нив возел без возачка дозвола и со брзина од 100 километри на час на делница каде што дозволената брзина е 40 километри на час.

Уште еден возач бил лишен од слобода поради управување возило под дејство на алкохол.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави и апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.