Русија ги продолжи нападите на украинска територија, украинските сили возвраќаат
Војната во Украина не запира. Додека Вашингтон зборува за мир и договор, руските сили продолжуваат со жестоки напади – на удар повторно Киев, смртоносни експлозии, во Харков, Кривји Риг и други украински региони...

Војната во Украина не запира. Додека Вашингтон зборува за мир и договор, руските сили продолжуваат со жестоки напади – на удар повторно Киев, смртоносни експлозии, во Харков, Кривји Риг и други украински региони. Во Суми, руски „Шахед“ погоди трговски центар.
„Бевме во киното кога слушнавме експлозија, но не сфативме дека е извршен напад врз трговскиот. Истрчавме надвор. Се гореше, луѓето лежеа на земјата. Трагично е колку многу луѓе загинаа и беа повредени“, изјави Тетјана Бондаренко, жителка на Суми.
Руските дронови погодија и граничен премин во Одеската област, на границата со Молдавија.
„Ова е практично петтиот граничен премин што во последниот период е нападнат од Русија. За жал, во нападот врз Старокозаче загинаа две лица, а три беа повредени“, рече Андриј Демченко, портпарол на украинската гранична служба.
Киев возвраќа. Погодени се осум руски цели, меѓу нив рафинерија и пристаниште, а специјалните сили нападнале и два гасни руски објекти во Јамало-Ненец, на 3.000 километри од границата – најдлабок удар досега, според украинските власти.
„Русија го продолжува својот секојдневен терор врз Украина. И секој ден добива праведен одговор“, објави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Од Москва, пак, јавуваат за десетици повредени во украински напад врз шеталиште во Сочи. Кремљ најави дека руските сили ќе продолжат со уништување на пловила за кои тврдат дека превезуваат оружје и гориво за Украина.
„Овие пловила се уништуваат и ќе продолжат да се уништуваат“, истакна Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во сенка на новите напади, Вашингтон продолжува со дипломатските напори. По разговорот со Путин, Трамп порача дека Москва сака договор.
„Имавме одличен разговор со Путин. Тој сака да постигне договор. А, ако сака и Зеленски, тоа би било многу убаво“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Во меѓувреме, Зеленски пристигна во Калгари на разговори со канадскиот премиер Карни за зајакнување на украинската воздушна одбрана и подготовките за зимата. Европа ја засилува одбраната – НАТО ја поздрави одлуката на Германија до 2029 година да издвојува 3,5 насто од БДП за одбрана, со предупредување дека руската закана продолжува.
Бојана Крстевски
