Странски инвестиции

ВИК ја проширува инвестицијата, ќе ангажира 300 нови работници

10.09.2026 15:55

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата ја поддржува инвестицијата, особено поради нејзиниот фокус на циркуларната економија.

Компанијата ВИК отвара нов погон во Индустриската зона во Прилеп, со што се предвидува ангажирање на 300 нови работници. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Владата ја поддржува инвестицијата, особено поради нејзиниот фокус на циркуларната економија.

При посетата на компанијата, Мицкоски оцени дека ВИК е важен партнер за Пелагонискиот Регион и за Прилеп, посочувајќи дека Владата ќе продолжи со институционална поддршка за инвеститорите, и домашни и странски.

Тој нагласи дека инвестициите во циркуларната економија се особено значајни, бидејќи преку рециклирање и обновување на искористените материјали се создава додадена вредност и се следат европските економски трендови.

Сопственикот на ВИК, Кристоф Дон, истакна дека компанијата е меѓу првите во регионот што ја применува циркуларната економија и најави дека очекува нови инвестиции и поголем економски развој.

ВИК во ТИР-зоната во Прилеп работи од 2018 година. Досега компанијата имала повеќе од 500 вработени, а со отворањето на новиот погон бројот се зголемува за дополнителни 300 работници.

Компанијата соработува и со средните училишта преку дуалното образование, со цел учениците да стекнуваат практично искуство и можност за вработување.