Партии

Османи тврди дека се комуницира за предвремени избори со ВМРО-ДПМНЕ, Митева демантира

10.09.2026 17:25

Политичката реторика околу можноста за предвремени парламентарни избори се вжештува. За портпаролката Митева изјавите на Османи од ДУИ дека разговарале меѓупартиски се класично ширење на лаги. Филипче пак вели дека СДСМ е подготвена за предвремени избори.

Откако Бујар Османи, потпретседателот на ДУИ, рече дека интегративците бараат предвремени парламентарни избори и дека очекува тие да се одржат веќе следната пролет, во Владата категорично ги демантираат тврдењата на Османи, дека имало комуникација со претставници на ВМРО-ДПМНЕ во врска со можноста за предвремени парламентарни избори.

Османи тврдеше дека меѓу политичките партии веќе имало комуникација во различни форми и дека, според неговата проценка, во ВМРО-ДПМНЕ немало голем отпор кон идејата за предвремено изјаснување на електоратот. Тој, сепак, не кажа со кого конкретно од ВМРО-ДПМНЕ била остварена комуникацијата, ниту посочи дека бил одржан официјален состанок меѓу двете партии.

Портпаролката на Владата Марија Митева вели, апсолутно немаат никаква комуникација со ДУИ, најмалку со Бујар Османи. Очигледно е дека сака да биде активен, а ако не е етничка провокација, тогаш шири невистини, рече Митева.

Лидерот на СДСМ, Филипче, пак вели, не е изненаден од можноста ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ да се координира за многу прашања што во минатото се потврди, па и за опцијата да има предвремени избори. Тој вели како СДСМ се подготвени за избори во секое време, но тие ќе се одржат кога владата ќе снема пари за плати, пензии и за основните социјални трансфери кон населението.

За опцијата предвремени избори се циркулира подолго време во јавноста, откако премиерот Мицкоски во неколку наврати ја спомна можноста да се одржат доколку опозицијата тоа го побара. Но сепак, и тој е скептичен во однос на оваа идеја со оглед дека државниот интерес е да продолжат реформите за напредок на земјата, а и народот во големо мнозинство се противи за одржување предвремени избори.

Игор Панов