Независност

Прославата за независноста чинела 5,5 милиони евра – потврди Владата

10.09.2026 17:05

Настаните по повод независноста на државата чинеле нешто повеќе од пет милиони 530 илјади евра, потврдија од Владата, главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година, а половина милион евра се донации од „општествено одговорни компании“, вели портпаролката Митева. За СДСМ спорна е и постапката преку која бил избран организаторот на настанот. Филипче тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, а не класична тендерска постапка.

Настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари. Од нив главнината 300 милиони денари е дивиденда на Лотарија од 2024 година, а околу 40 милиони се донации од општествено одговорни компании,  потврди портпаролката на Владата Митева. Таа посочи дека „Авалон“, како организатор на прославата е носителот на дејноста, а компанијата „Стардаст“ која добил пари на име спонзорство од „Лотарија“, е само правен субјект, односно дека тие се едно исто лице.

Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, тврди дека парите обезбедени за прославата се компаниски пари од нераспределената добивка. Според него, Државна лотарија е посебен правен субјект, а Владата во однос на компанијата настапува како основач и единствен акционер. Средствата би добиле статус на буџетски пари дури откако органите на друштвото ќе ја утврдат нераспределената добивка како дивиденда и ќе бидат уплатени на трезорската сметка.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче обвини дека 5-те милиони евра со кои е платена прославата по повод на независноста се пари на граѓаните спротивно на тврдењето на премиерот Мицкоски дека за настанот не бил потрошен ниту еден денар. Филипче отвори прашања и за постапката преку која бил избран организаторот на настанот. Тој тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, но не класична тендерска постапка, и изрази сомнеж дека при тоа можело да има прекршување на Законот за спонзорства.

Отчетот и транспарентноста за прославата на која најголемо внимание привлече светската мега звезда Дејвид Гета, доаѓа по објаснувањето на премиерот дека за нејзина организација и реализација биле потрошени „нула денари“ државни пари.

 

Марина Стојанова Тонева