Собрание

Амандманска расправа за Законот за проверка на странските директни инвестиции

11.09.2026 10:27

На собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска се одржува амандманска расправа за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции. Поднесени се 15 амандмани. Законот предвидува национален механизам за проверка на инвестициите во критични и сензитивни сектори, со цел заштита на националната безбедност и стратешките интереси.

На собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска се одржува амандманска расправа за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции.

За законот се поднесени 15 амандмани, од кои дел од пратениците Димитар Ковачевски, Соња Мираковска и Моника Зајкова од пратеничката група предводена од СДСМ, како и од Сали Мурати од Коалицијата „Европски фронт“.

Собранието го усвои Предлогот на 121. седница, со поддршка од сите пратеници. Со законот се предвидува национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции во критични и сензитивни сектори, доколку постојат индиции дека инвестицијата би можела негативно да влијае врз националната безбедност, јавниот ред или стратешките интереси.

Според предложеното решение, инвестиција ќе може да се реализира со претходна позитивна или условно позитивна одлука од Владата кога се стекнува најмалку 10 проценти од основната главнина и/или правото на глас, а вредноста на стекнувањето е најмалку 50.000 евра, во субјекти и сектори утврдени со законот.

Со законот се дава правен основ Владата, на предлог на Министерството за одбрана, да ги утврдува секторите и видовите критична инфраструктура потребни за неговата примена.

Како надлежен орган за пријавување и проверка е предложено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое по консултации со надлежните институции ќе дава предлог до Владата дали инвестицијата треба да биде дозволена, дозволена под услови или одбиена.

Против одлуката на Владата инвеститорот ќе има право да поведе управен спор.

Предлог-законот е и на дневен ред на Законодавно-правната комисија.