Лоша година за пчеларите, ќе расте цената на медот!
Колкаво производство мед може да се очекува годинава со оглед на неповолните временски услови. Македонскиот мед е многу квалитетен и баран, не само на домашниот туку и на странските пазари. Годинава очигледно нема да извезува, а прашање е дали ќе го задоволи домашниот пазар. Повисоки ќе бидат и цените...

Во споредба со минатите оваа е најсиромашната година за пчеларите. Ако порано од едно семејство ваделе просечно 20 килограми мед, сега е дури трикратно намалено. Лошата година им донела и дополнителни трошоци за одржување на здравствената состојба на пчелите, употреба на лекарства и дополнителни третмани.
„Имаше многу силни ветрови и билките тогаш не можеа да испуштаат нектар, така што немаше медење. Ваквите услови ги натераа пчелите почесто да се ројат, а штом пчелата се рои не произведува мед“, вели Бранко Тасевски, долгогодишен пчелар од Куманово и претседател на Здружение „Пчела“.
Од пчеларството може добро да се живее, но потребно да се вложи многу труд и работа. Така, Венчо Самрџиски од Берово, нашол начин на ја искористи богатата природа во Малешевијата за производство не само на мед, туку и на слатко и сокови од разни плодови приготвени по домашен рецепт. Најбаран му е боровиот мед и тоа не само во Македонија туку туку и во регионот и Европа.
„Боровиот мед е многу корисен при болести на дишни патишта како што се астмата и бронхитисот. Ова е многу баран призвод, а за него имам добиено прво место за квалитет на Саемот за еко-храна во Виена, Австрија“, додава пчеларот Венко Самарџиски.
Ако пред некој месец килограм мед се продаваше за 250 денари, сега се продава за 300. Според пчеларите, цената би можела да се скокне и до 500 денари.
„Купуваме и мед и прополис и доста се квалитетни од оваа поднебје. Сметам дека цената е добра, но за пчеларите би било добро да е повиска“.
„Земаме мед исклучиво од проверени пчелари. Природниот мед е добар за превенција од сите болести, а го даваме и на децата“, велат граѓаните.
Во Кумановскиот регион претжено во Козјачијата регистрирани се 70 –тина пчелари со околу 4.500 пчелни сандаци.
Габриела Димковиќ
