Нова ескалација во Јемен, Хутите презедоа стратешки пристаништен град и остров
Проиранските Хути ја презедоа контролата врз Мока и островот Зукар, во близина на теснецот Баб ел-Мандаб. ОН предупредуваат дека новата офанзива може да го вовлече Јемен во поширок регионален конфликт со глобални последици.

Нова ескалација во Јемен. Проиранските Хути, по жестоки борби со владините сили поддржани од Саудиска Арабија, ја презедоа контролата врз пристанишниот град Мока и островот Зукар, во близина на теснецот Баб ел-Мандаб – клучен поморски премин за светската трговија. Со тоа, Хутите го зајакнуваат влијанието на Техеран врз уште еден стратешки воден пат на Блискиот Исток. ОН предупредуваат дека офанзивата може да го вовлече Јемен во поширок регионален конфликт.
„Оваа нова војна треба да нè загрижи сите. Таа го означува крајот на релативниот мир во кој Јемен живееше повеќе од четири години. Не само што се заканува да го вовлече Јемен во продолжена и поширока војна, туку ризикува повторно да ја вовлече земјата во поширокиот регионален конфликт, со глобални последици“, изјави Ханс Грундберг, специјалниот пратеник на ОН за Јемен.
Борбите се засилија откако Хутите во јули се обидоа да воспостават воздушна линија меѓу Техеран и Сана, по што коалицијата ја погоди пистата во Сана. Следуваа напади врз Саудиска Арабија и одговор од Ријад. Според „Аксиос“, Саудиска Арабија побарала од САД да извршат напади врз Хутите, но Трамп го одбил барањето. Белата куќа засега не планира директна воена акција против проиранската група. Сепак, конфликтот во Јемен сè повеќе се преплетува со пошироката конфронтација меѓу Иран и САД, во кој освен Ормускиот теснец, во фокусот е и иранската нуклеарна програма. Израел обвинува дека Техеран повторно се обидува да развие нуклеарно оружје и вети дека нема да го дозволи тоа.
„Претседателот Трамп изјави дека Иран повторно се обидува да се вооружи со нуклеарно оружје – и тоа е точно. Откако ги уништивме нивните непосредни капацитети за производство на нуклеарно оружје, во воените операции, тие повторно се обидуваат. Ви ветувам дека, сè додека сум премиер, Иран нема да има нуклеарно оружје“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Меѓународната агенција за атомска енергија го пријави Иран пред Советот за безбедност на ОН поради недоволна соработка во истрагата за неговата нуклеарна програма.
„Ако биде усвоена, таа ќе биде дел од околностите во кои ќе работиме и ќе мораме да продолжиме понатаму. Во секој случај, мојата работа со Иран продолжува без оглед на резолуцијата. Имам мисија таму и морам да продолжам со својата работа“, рече Рафаел Гроси директор на МААЕ.
Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели. Во меѓувреме, тензиите се зголемуваат и во Либан. Нетанјаху најави дека Израел е подготвен да ја уништи инфраструктурата на Хезболах, откако израелската армија соопшти дека веќе уништила голем тунелски систем на групата под гребенот.
Бојана Крстевски
