Телефоните го загрозуваат видот на децата
Телефон наместо игра – видот на децата на удар. Скринингот кај првачињата покажува појава на рефракциски аномалии. Офталмолозите предупредуваат, една од причините може да биде прекумерното користење телефони и таблети.

Телефонот сè поблиску до очите, тетратката до лицето, а погледот сè почесто заматен. За едно прваче можеби мала работа, но за офталмолозите знак дека видот треба да се провери. Скринингот на 800 првачиња во Куманово, покажа дека значителен број деца имаат проблеми со видот. Од секои десет прегледани првачиња, кај околу две се открива рефракциски аномалија, информираат од очното одделение во кумановската болница. Лекарите состојбите најчесто ги поврзуваат со долго неправилно користење на мобилни телефони и таблети.
„Имаме освен миопија, хиперметропија како рефракцски аномалии, имаме и појава на астигматизам. Тоа посебно астигмгатизмот кој може да биде вроден или стекнат, стекнатиот исто така го поврзуваме со појава на предолго користење на овие уреди, посебно на дистанца која е пократка од 20 сантиметри“, истакна д-р Бојана Георгиевска Димовска, началничка очно одделение Општа болница Куманово.
Дополнително загрижува што првачињата најчесто не знаат дека не гледаат добро. Затоа лекарите укажуваат родителите навреме да реагираат доколку забележат промени, како и жалење на црвенило, чешање на очите.
„Родителите првенствено штом го видат детето дека го доближува, телефонот, тетратката веднаш да се јават на преглед. Да се избегнува користење да се ограничени временски затоа што тука особено деца кога се во пубертет имаме големи рефракциски промени ќе почнеме од-0,75 па може да дојдеме до-4, -5 високи кои се веќе ризични за самото дете“, дополни Георгиевска Димовска, началничка очно одделение Општа болница Куманово.
Кај дел од децата со утврден диоптер, проблемот се коригира со очила. Кај други е откриен и страбизам, поради што се упатени на понатамошен третман.
Наместо долготрајно користење на телефони и таблети, се препорачуваат почести паузи, престој на отворено и активности кои не го оптоваруваат видот.
Елена Георгиевска
