Финансии

Бо Ли: Северна Македонија е позитивен пример за транспарентност на централната банка

11.09.2026 20:46

Во интервју за публикацијата на Народната банка „80 години централно банкарство: Глобални перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, Ли ја нагласува важноста на независноста на централните банки, особено во услови на глобални економски предизвици.

Северна Македонија е позитивен пример во примената на напредни практики на транспарентност на централната банка и ужива висок степен на доверба кај јавноста, оценува заменик-генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли.

Во интервју за публикацијата на Народната банка „80 години централно банкарство: Глобални перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, Ли ја нагласува важноста на независноста на централните банки, особено во услови на глобални економски предизвици.

Според него, искуствата од различни земји покажуваат дека независните централни банки се во подобра позиција да ја зачуваат ценовната стабилност, да одржуваат стабилни инфлациски очекувања и навремено да одговорат на економските шокови.

Ли посочува дека независноста не значи дека централната банка е над демократските институции, туку дека, во рамките на законски утврдениот мандат, има автономија одлуките да ги носи врз основа на податоци, професионална анализа и стручна проценка. Истовремено, како што нагласува, независноста треба да биде проследена со добро управување, транспарентност, отчетност и јасна комуникација со јавноста.

Во однос на Народната банка, Ли оценува дека искуството на Северна Македонија е позитивен пример. Тој посочува дека земјава е меѓу првите во кои е спроведена проценка според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ, при што било утврдено дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност и ужива висок степен на доверба кај јавноста.

Како клучни предуслови за зачувување на институционалниот кредибилитет во периоди на неизвесност, Ли ги издвојува јасно дефинираниот мандат, кохерентната рамка на политики, оперативната автономија, доследноста во носењето и објавувањето на одлуките, како и цврстата правна основа, доброто управување, транспарентноста и отчетноста.

Интервјуто со Бо Ли е дел од публикацијата посветена на 80-годишнината од централното банкарство во земјава, која опфаќа серијал интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и меѓународни централнобанкарски организации.