Охрид

Роботска хирургија во јавното здравство

11.09.2026 14:09

Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид за првпат се изведени роботски навигирани операции за поставување тотална ендопротеза на колено. Три пациенти од регионот добија коленски протези со помош на современа технологија, а од болницата најавуваат дека во иднина планираат да обезбедат и сопствен роботски систем.

Роботската хирургија влегува во ортопедијата во јавното здравство. Во охридската специјализирана болница „Св. Еразмо“ за првпат се изведени роботски навигирани операции за поставување тотална ендопротеза на колено. Направени се три вакви оперативни зафати кај пациенти од регионот, со комбинирани тимови од ортопеди, анестезиолози и медицински персонал од „Св. Еразмо“, предводени од проф. д-р Константинос Макридис од Грција.

„Роботски навигираните операции овозможуваат попрецизно поставување на протезата, а тоа е особено значајно кај посложени случаи, но и кај пациентите кај кои е потребна поголема прецизност во мерењата и позиционирањето на самата протеза“, изјави спец. д-р Хари Шокаровски, директор на „Св. Еразмо“.

Од болницата најавуваат дека во иднина интенцијата е да се обезбеди сопствен роботски систем, со што современите навигирани операции би можеле да станат дел од редовната ортопедска пракса.

„Задоволство ми е што ја продолжуваме традицијата, меѓутоа уште поголемо задоволство ми е што екипите и тимовите на ортопедски хирурзи коишто ги имаме во институцијата се доволно амбициозни и спремни и за најсовремените медицински текови, коишто се последен крик на медицината и светски трендови“, изјави спец. д-р Хари Шокаровски, директор на „Св. Еразмо“.

Роботската ендопротетика е современ тренд во развиените здравствени системи, а нејзиното понатамошно воведување ќе придонесе за унапредување на третманот и грижата за пациентите.

Со првите три роботски ендопротези на колено, „Св. Еразмо“ го отвора патот за понатамошна примена на роботската хирургија во ортопедијата и се вбројува меѓу пионерите во оваа област во земјава.

Соња Рилковска