Македонија

Пожар во трговски објект во Шуто Оризари, опожарени над 20 дуќани

11.09.2026 12:34

Пожарот бил пријавен во СВР Скопје околу 03:20 часот, а во гаснењето биле ангажирани 15 пожарникари со шест противпожарни возила.

Над 20 дуќани со текстилна и друга стока се опожарени во голем пожар што избувна ноќеска во трговски објект на улицата „Индира Ганди“ во скопската Општина Шуто Оризари. Повредени лица нема, но причинета е голема материјална штета.

Пожарот бил пријавен во СВР Скопје околу 03:20 часот, а во гаснењето биле ангажирани 15 пожарникари со шест противпожарни возила.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека интервенцијата траела од 03:31 до 06:45 часот, кога пожарот бил изгаснат.

Според информациите од МВР, опожарените дуќани биле во сопственост на едно лице и биле дадени под закуп. Засега нема информации за причините поради кои избувнал пожарот.

Од МВР најавија дека на местото ќе биде извршен увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.