Скопје

Во Ново Лисиче започна изградбата на нов парк од 71.000 квадратни метри

11.09.2026 15:27

Почетокот на изградбата денеска беше означен од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Запуштен простор во Ново Лисиче, во близина на Фудбалската федерација на Македонија и последната автобуска станица на линијата „5“, ќе биде претворен во нова зелена површина со парк на 71.000 квадратни метри. Предвидено е засадување околу 1.000 дрвја и изградба на пешачки патеки, детски катчиња и простори за одмор и дружење.

Почетокот на изградбата денеска беше означен од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

На просторот, кој со години беше оптоварен со дива депонија, ќе биде создаден современ парк со зеленило и содржини наменети за сите генерации. Од планираните околу 1.000 дрвја, повеќе од 800 ќе бидат листопадни, а останатите зимзелени.

Паркот ќе има пристапни пешачки патеки, детски игралишта и простори за одмор и дружење, со што, како што беше истакнато, ќе се создаде нов простор за секојдневно поминување на слободното време на жителите на Ново Лисиче и граѓаните на Скопје.

Со овој проект, заедно со парковите што веќе се изградени и оние што се во изградба, вкупната површина на парковско зеленило што се создава во Скопје достигнува околу 200.000 квадратни метри.

Од Градот Скопје и Општина Аеродром посочуваат дека проектот е дел од заложбите за создавање почисти и позелени јавни простори и подобри услови за престој на отворено за граѓаните.